Евроинтеграции

Мицкоски: Нашето пристапување кон ЕУ не се вреднува според реформите

21.02.2026 16:08

Премиерот Мицкоски вели дека Македонија е жртва на класичен булинг од страна на земји- членки на Европската унија. Според него, напредокот на земјава не се вреднува според реформите, туку исклучиво преку наметнување политички услови. Лидерот на СДСМ, Филипче смета дека не станува збор за булинг туку излоацијата е последница од неисполнување на обврските.

Случајот со Македонија е единствениот случај, во кој придвижувањето кон Европската унија не се цени согласно напредокот и реформите, туку е оптоварено со билатерални прашања и разни барања за промена на државните симболи и идентитетски обележја. Ова го истакна македонскиот премиер Христијан Мицкоски во обраќањето на Меѓународната конференција на Македонската Паневропска Унија.

Мицкоски додаде дека оваа состојба резултира со уривање на кредибилитетот на Унијата.

Дека патот на Македонија кон Европската унија е неправедно закочен веќе подолго време, смета и претседателот на Меѓународната Паневропска Унија, Паво Баришиќ. Вели дека Македонија најпрвин беше блокирана од Грција, а сега истото го прави и Бугарија.

Ние не бараме привилегии, туку фер и кредибилен пристапен процес, истакна претседателот на Паневропската Унија на Македонија, Андреј Лепавцов.

Проширувањето на Унијата со Западен Балкан не смее да биде маргинализирано, бидејќи ние не сме на маргините на Европа, туку во нејзиното срце, историја и култура, порака од конференцијата. За новата иницијатива што се разгледува во Брисел за градација на земјите-членки на прва и втора категорија, од македонската влада повикуваат на трпеливост и мудри одлуки.

Според лидерот на СДСМ пак, Венко Филипче, Мицкоски нудел изолација, бидејќи зборувал за булинг и за членки од прва и втора лига. Тоа не е булинг, туку последица од неисполнување на обврските, правда, слобода на медиуми и борба против корупција, напиша Филипче на социјалните мрежи.

Марија Котовска