Коридор 8

Интензивно се гради автопатот Гостивар-Букојчани

21.02.2026 16:44

Автопатот од Гостивар до Кичево ќе биде изграден во рокот, потврдија надлежните по денешниот увид на работите на делницата, којашто се простира од Гостивар до кичевското село Букојчани. Велат дека Коридорот 8 ќе ја трансформира економската иднина на државата.

Се интензивираат градежните работи на автопатот Гостивар-Букојчани. Пробиени 11 од вкупно 31 километар, целосно изграден е и првиот мост. Премиерот Мицкоски задоволен од напредокот на инфраструктурните проекти. Вели, како членка на НАТО со овие коридори се подобрува отпорноста, но и безбедноста на јужното крило на Алијансата. Согласна и амбасадорката на САД во земјава. Смета дека Коридорот 8 ќе ја трансформира економската иднина на државата.

Оваа делница ќе се поврзува со Кичево, оттаму со автопатот до Охрид и Струга, информираше министерот за транспорт Николоски, кој очекува од Скопје до Охрид да се стигнува за час и половина. Директорот на „Државни патишта“, Трајановски, вели сите пречки се надминати, 80 проценти од експропријацијата е завршена.

Надлежните задоволни и од прогресот на автопатиштата Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола кои се дел од Коридорот 8.

Викторија Милевска