Сè уште нема решение за откуп на оризот
Над десет илјади тони оризова арпа од минатата година сè уште не е откупена. Откупната цена е под производната. Стојат долговите за ланското производство, а за околу еден месец треба да започнат подготовките за новата сеидба. Националната земјоделска мрежа бара измена на Законот за земјоделие и нова стратегија за производство на храна.

За околу еден месец треба да почнат подготовките за сеидба на оризот, а сè уште не е откупен родот од минатата и дел од предминатата година. Производната цена на килограм арпа е утврдена на 25 денари. Сега се откупува од 18 до 20 денари. Доколку состојбата со откупните цени не се смени, наместо на поле, земјоделците ќе излезат на протест.
Ова е резултат на непланското земјоделско производство и отсуство на квалитетна стратегија за поддршка на земјоделците, став на Националната земјоделска мрежа.
Националната земјоделска мрежа бара законски измени и поголема институционална поддршка на индивидуалните земјоделци за да имаме доволно домашна квалитетна храна.
Славица Величковска
