„Безбеден град“

Намален број прекршоци и страв кај возачите во Куманово

22.02.2026 12:56

Намален број прекршоци и забавен сообраќај засега се резултатите од системот „Безбеден град“. Стручните лица укажуваат, забележителен е страв кај лицата коишто седат зад воланот. Регистрирани се нагли кочења и постојано гледање во брзиномерот. Куманово е еден од градовите каде што функционира системот. Камери има на неколку локации, но градот се соочува со нефункционална сообраќајна сигнализација.

Помал број прекршоци и забавен сообраќај, по воведувањето на системот „Безбеден град“, покажува статистиката на министерството за внатрешни работи. Но за детална анализа и позначајни резултати, неопходен е подолг временски период, укажуваат стручните лица. Професорот по сообраќај Бранковиќ потенцира резултати има, но забележителен е и страв кај лицата коишто управуваат моторни возила.

„Возачите сè уште управуваат моторни возила по чувство на некој вид на страв, сомнеж да не бидат уловени од камерите, е затоа значи говори и доволно ако можеме забележиме нели паничното кочење пред самите камери или цело време гледање во брзинометар на возачите со што го одзема вниманието. Имаме дел од јавноста коишто го прифаќаат системот, дел од јавноста којшто сè уште не го прифаќаат, поделени се ставовите но факт е дека овој систем први е наменет за превенција а не за казнување“, вели Стефан Бранковиќ, наставник по сообраќајни стручни предмети.

И граѓаните согласни придобивките од поставените камери се забележуваат. Но, засега „Безбеден град“ во Куманово функционира на само неколку локации.

„Кај нас на улицата 11 Октомври порано се возеше како да е магистрала, сега полека возат и внимаваат на сообраќајот“, вели граѓанка.

„Има и други чекори коишто ги прескокнавме, сообраќајната инфраструктура, семафорите, пешачките премини, сето тоа првин треба да биде регулирано за да дојдеме до безбеден град“, потенцира друг.

Куманово е еден од градовите каде што од први месецов започна да функционира системот. Камерите регистрираат сообраќајни прекршоци но од друга страна градот е со нефункционална сообраќајна сигнализација.

„Треба да бидат направени само трепкачи, гледам по градот светат“, вели граѓанин.

„Тоа е голема грешка на градот, мора да профункционираат, стравувам како пешак кога поминувам“, укажува друг.

Податоците на МВР во тест периодот покажа над 100.000 прекршоци, денес бројката се движи околу 500. Надлежните најавуваат поставување дополнителни камери, но и казнување за погрешно запирање и паркирање.

Елена Георгиевска