Техеран подготвен и за дипломатија и за војна
Иран се надева на дипломатија, но се подготвува за војна. Тензиите растат, нова загриженост во регионот внесе последниот судир меѓу Пакистан и Талибанците во Авганистан.

На места мирно секојдневие, на места протести на студентите на неколку универзитети во Иран. Во Техеран е мирно на улиците, иако се подготвуваат за евентуалните напади на американските оружени сили, јавува Франс Прес.
Од друга страна, БИ-БИ-СИ смета дека се веродостојни најновите снимки на социјалните мрежи за студентските демонстрации во неколку универзитетски кампуси против владата во Техеран.
Толпите извикувале „смрт за диктаторот“ алудирајќи на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи. По ова следел судир со студентите кои одржувале провладин протест, јавува британскиот јавен сервис.
Лидерството во Исламската република го нема променето принципиелниот став. Иранскиот претседател му одговори на американскиот колега Трамп кој му се закани со лошите работи на Техеран доколку не се откаже од збогатувањето на ураниумот. Пораката испратена на параолимписките игри.
„Со божја милост и сила, нема да се потчиниме на сите тешкотии. Дури и кога надворешниот свет и глобалните сили неправедно не притискаат да се предадеме, нема да ги наведнеме главите, како што вие атлетите одбивате да се потчините на маките“, рече Масуд Пезешкијан-претседател на Иран.
Зад интересите на Техеран, застана Москва која веќе една недела изведува маневри со иранската војска во Персискиот Залив и северните области на Индиски Океан.
Но, САД и европските сојузници се сомневаат во добрите намери на Техеран и нуклеарната програма. Нови контингенти на американска воена опрема се стационираат во базата на Азорските острови, Португалија. Вашингтон забрзано се подготвува за напад, подобрите познавачи на притаениот воен судир сметаат дека бледнеат шансите за дипломатски решение.
При крајот на месецот, истекува рокот од 10-на дена што Трамп му го понуди на Иран за напуштање на спорната програма. Предвоената состојба во областа на Блискиот исток ги преминува границите, Пакистан го ја искористи тензијата во регионот и изврши воздушен напад врз милитантите во источен Авганистан. За време на светиот муслимански месец Рамазан, урната е локалната медреса и убиени се најмалку 20-на жители.
Зоран Богатинов
