Евроинтеграции

Власта и опозицијата внимателни по навестувањата за можно брзо членство во ЕУ без право на глас

22.02.2026 17:00

За последната иницијатива која се споменува во бриселските кулоари, за градација на земјите – членки како прва и втора категорија, од ВМРО-ДПМНЕ повикаа на трпеливост и мудри одлуки. Од СДСМ со став, ние сме за целосна интеграција на Македонија во Европската унија, но со право на глас.

Македонија продолжува со напорите за пристапување кон Европската унија, како горда и достоинствена држава, велат од владејачката партија. За последната иницијатива која се споменува во бриселските кулоари, за градација на земјите – членки како прва и втора категорија, од ВМРО-ДПМНЕ повикаа на трпеливост и мудри одлуки, со оглед на тоа што во вакво сценарио, дел новите членки би немале право на глас.

Од СДСМ со став, ние сме за целосна интеграција на Македонија во Европската унија, но со право на глас. Оттаму со коментар и за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека одредени земји-членки на Европската унија прават класичен булинг врз Македонија, чија европска интеграција не се вреднува според напредокот и реформите, туку се оптоварува со билатерални прашања и барања за промена на државни симболи и идентитетски обележја. Според СДСМ, застојот во европската интеграција не е поради булинг, туку поради неисполнети обврски.

Патот на Македонија кон Европската унија е неоправдано закочен со години, најпрвин преку блокадата од Грција, а сега и од Бугарија, беше пораката од последната дводневна меѓународна конференција на Паневропската унија на Македонија.

Марија Котовска