Се најавуваат законски измени

Строги казни за напуштање и неконтролирано размножување на домашни миленици

22.02.2026 17:47

Неодговорен сопственик остави пет мали кутриња на улица во Аеродром. Невладините бараат строги казни за напуштање и неконтролирано размножување, надлежните најавуваат законски измени.

За прв пат имаме можност да видиме како сопственик на кучка исфрла пет мали кученца и како се создава популацијата на бездомни кучиња. Тој не го стерилизирал домашниот миленик, иако постојат бесплатни стерилизации. Ова е суров чин на сопственикот на кучињата, се претпоставува дека а на улиците во главниот град да имаа од 5.000 до 10.000 бездомни кучиња.

За последниот настан реагираа од „Анима Мунди“, здружението за заштита на животните од каде велат дека се потребни строги казни за напуштање и неконтролирано размножување на кучиња, но и итни системски мерки.

„Ако лицето е во социјален ризик, системот треба да помогне. Но, ако некој свесно напушта, мора да одговара. Законот не смее да биде мртва буква. Општество што инвестира во превенција создава ред. Општество што плаќа само последици создава хроничен проблем“, велат од Анима Мунди, здружение за заштита на животни.

Прво ќе работиме на законски измени, ќе се зголеми и капацитетот на стационарот на бездомни кучиња „Лајка“ за да можат кучињата – скитници да имаат хуман третман, вели првиот човек на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во интервјуто за Радио Слободна Европа.

„Дека ќе има повторно ситуација од над 400 наши сограѓани коишто ќе бидат каснати по улиците, дека градот ќе плаќа над 500.000 евра годишно за судски трошоци и износ којшто се однесува на оштета по однос на каснувањето од куче, нема да биде таква состојбата. Дали до крајот на мојот мандат нема да има ни едно куче скитник по улиците, не можам да гарантирам, но дека далеку ќе бидеме од она што сме денес, тоа со сигурност го гарантирам“, изјави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Нема ден, а да не осамне реакција од граѓани на социјалните мрежи за каснат возрасен и дете, додека се враќале од работа или си играле пред зграда. Според активистите за заштита на животни ова е последица на носење на кучиња од други градови во метрополата, а има и по некој случај од други држави.

Наташа Јанчиќ-Менковски