МВР

Уапсен Артан Груби

23.02.2026 08:15

Груби, кој беше прв вицепремиер во владината коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, се гони за проневера во служба поврзана со работењето на Државна лотарија.

Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби утрово во 06:10 часот е лишен од слобода на граничниот премин Блаце, соопшти Министерство за внатрешни работи.

Според МВР, утрово при влез во државата, Груби, за кого била активна мерката „апси“, бил приведен и задржан за понатамошна постапка.

Груби, кој беше прв вицепремиер во владината коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, се гони за проневера во служба поврзана со работењето на Државна лотарија. Во предметот е осомничен заедно со Перпарим Бајрами, а според наводите, станува збор за криминал тежок околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.

Според објавените информации, Груби раководел со владината седница на која било одобрено барањето за набавка на ВЛТ апаратите, иако, како што се тврди, јавната набавка била незаконска.

Ревизорските наоди, исто така, посочиле на над 180 милиони денари, односно близу три милиони евра, спорна, невалидна или неуредна документација во работењето на Лотарија.

Дополнително, со владина одлука донесена на седница со која раководел Груби, било отуѓено државно земјиште на фирма поврзана со сопругата на поранешниот премиер Димитар Ковачевски за изградба на фотоволтаици, по цена од 70 денари за квадратен метар.

Груби, од 9 декември 2024 година се наоѓа и на „црната листа“ на Стејт департментот на САД поради, како што е наведено, „вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси“.