„One Battle After Another“ триумфираше на БАФТА со шест награди
Филмот „One Battle After Another“ на режисерот Пол Томас Андерсон беше апсолутен победник на годинашните БАФТА награди.
Филмот „One Battle After Another“ на режисерот Пол Томас Андерсон беше апсолутен победник на годинашните БАФТА награди, освојувајќи шест, меѓу кои за најдобар филм, најдобра режија, најдобра кинематографија, монтажа, споредна машка улога и адаптирано сценарио.
Контракултурната комедија ја следи приказната за поранешен револуционер кој се обидува да ја заштити својата ќерка од немилосрден воен офицер. Филмот влезе во трката со 14 номинации – најмногу од сите конкуренти.
Во својот говор, Андерсон порача дека киното има силна година и цитираше стих од Нина Симон: „Знам што е слобода – тоа е без страв“, повикувајќи на создавање уметност без страв.
Три награди за „Sinners“, две за „Hamnet“
Филмот „Sinners“ на режисерот Рајан Куглер, трилер со вампирска тематика што ја истражува расната и културната бришење, освои три награди – за оригинално сценарио, оригинална музика и споредна женска улога.
Две награди освои и „Hamnet“ на режисерката Клои Жао, адаптација на романот на Меги О’Ферел за животот на Вилијам Шекспир, неговата сопруга Агнес и трагичната смрт на нивниот син. Филмот беше прогласен за извонреден британски филм, а наградата за главна женска улога ја доби Џеси Бакли.
Бакли стана првата ирска актерка што освои БАФТА за главна улога. Критичарите ја пофалија нејзината емотивна и интимна интерпретација на мајка која тагува по загубата на својот 11-годишен син. Таа е номинирана и за Оскар во категоријата најдобра актерка.
Изненадување во категоријата најдобар актер
Во едно од најголемите изненадувања на вечерта, Роберт Арамајо ја освои наградата за најдобар актер за улогата во биографскиот филм „I Swear“, посветен на писателот и активист Џон Дејвидсон со Туретов синдром.
Арамајо ги победи фаворитите Тимоти Шаламе, Леонадро Ди Каприо, Итан Хок и Мајкл Б. Џордан. Видливо возбуден и со солзи во очите, тој изјави дека не може да поверува дека се наоѓа во иста категорија со своите колеги, а камоли дека стои на сцената како победник.
