Македонската филхармонија

„Нови хоризонти“ со врвниот пијанист Алим Беисембајев

25.02.2026 16:27

Оркестарот на Македонската филхармонија в четврток со почеток во 20 часот ќе го одржи симфонискиот концерт насловен „Нови хоризонти“ на кој како солист ќе настапи Алим Беисембајев од Казахстан, еден од најдобрите млади пијанисти во моментов на светската музичка сцена...

Оркестарот на Македонската филхармонија в четврток со почеток во 20 часот ќе го одржи симфонискиот концерт насловен „Нови хоризонти“ на кој како солист ќе настапи Алим Беисембајев од Казахстан, еден од најдобрите млади пијанисти во моментов на светската музичка сцена. Диригент е маестро Емил Табаков, а на програмата се Концерт за пијано и оркестар бр. 1 во бе-мол, оп. 23 од П. И. Чајковски, Суита бр. 2 „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.

Алим Беисембајев ја освои Првата награда на Меѓународниот пијанистички натпревар во Лидс во септември 2021 година, изведувајќи ја Рапсодијата на тема од Паганини од Рахмањинов со Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, а ја доби и Наградата на публиката на Medici.tv, како и Наградата на Кралското филхармониско друштво на Ливерпул за современа изведба. Toa се само неколку од признанијата за овој извонреден пијанист.

Во декември 2022 година, издавачката куќа Warner Classics го објави неговиот деби-албум „Лист: Трансцендентални етиди“, кој ги содржи сите дванаесет етиди на Франц Лист и беше пречекан со одлични критики.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте.

Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен … Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. Носител е на престижни награди и како диригент.