Финансии

Гувернерот Славески на средба со министерот за финансии на Словачка, Каменицки

23.02.2026 20:00

На средбата, како што соопштуваат од централната банка, беа разменети мислења за актуелните економски движења во двете земји, при што беше истакнато дека креаторите на политиките се соочуваат со слични предизвици, пред сè поради продолжените геополитички тензии кои и натаму влијаат врз глобалните економски нерамнотежи.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари работна средба со министерот за финансии на Република Словачка, Ладислав Каменицки.

На средбата, како што соопштуваат од централната банка, беа разменети мислења за актуелните економски движења во двете земји, при што беше истакнато дека креаторите на политиките се соочуваат со слични предизвици, пред сè поради продолжените геополитички тензии кои и натаму влијаат врз глобалните економски нерамнотежи.

Гувернерот Славески ја потенцираше определбата на Народната банка за проактивно следење на светските економски движења и навремено приспособување на монетарната политика, со цел зачувување на макроекономската стабилност и зајакнување на довербата во финансискиот систем. Тој се осврна на најновите макроекономски показатели во земјата, како и на очекувањата за претстојниот период, нагласувајќи дека централната банка останува цврсто посветена на одржувањето на ценовната стабилност. Во таа насока, ги истакна и преземените мерки насочени кон стабилизирање на инфлаторните притисоци и одржување на финансиската стабилност.

Словачкиот министер за финансии, Каменицки, истакна дека поради сродната економска структура и двете економии се поставени пред заедничките предизвици во одржувањето на стабилен и одржлив економски развој на двете земји.

Соговорниците изразија подготвеност за натамошно продлабочување на соработката со цел поттикнување на економскиот развој, унапредување на финансиската стабилност и одржување на добри дипломатски и економски односи меѓу двете земји, стои во соопштението.