4.910 прекршоци за една седмица преку системот „Безбеден град“, најмногу за брзо возење
Од вкупниот број, дури 4.691 прекршок се однесува на управување возило со брзина поголема од дозволената.

Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ се регистрирани вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци на подрачјата на градовите и долж Коридорите каде што се поставени камери, информираат од МВР.
Од вкупниот број, дури 4.691 прекршок се однесува на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на затворен сигнал (црвено светло) евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 проценти во однос на претходната седмица кога биле регистрирани 33 вакви случаи. Во првата недела од месецот, пак, биле констатирани 163 прекршоци за минување на црвено светло.
Констатирани се и 203 прекршоци за управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола.
Во текот на изминатата седмица изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 проценти во споредба со претходната недела. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117-те изречени забрани, 16 се однесуваат на минување на црвено светло, а 101 на брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за пречекорување од над 10 километри на час, а седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста на патиштата.
