Предлог-законот за заштита од пушење неделава пристигнува во Собранието
Законот за заштита од пушење е во фокусот на крајот на овој месец. Неделава треба да биде готов предлогот што ќе биде пратен до Собранието. Дотогаш, се приближуваат ставовите. Свои забелешки и барања имаа и угостителите кои викендов се сретнаа со владини претставници.

Забраната за пушење цигари во угостителски објекти да важи од стапувањето во сила на Законот за заштита од пушење, а терасите да се отворат од трите страни во рок од една година е барањето на угостителите на средбата со премиерот во Владата. Од Здравство велат дека предлог-законот би требало да биде доставен до крајот на неделава до Владата, а угостителите дотогаш очекуваат уште една средба.
Претставници на тутунската индустријата велат дека сè уште траат консултациите до донесување конечно решение кое е во насока на заштита на јавното здравје, но без економски последици.
„Во моментов се одвива процес на консултации во кој се вклучени сите засегнати страни и релевантни чинители. Станува збор за инклузивен пристап што овозможува различните ставови и аргументи да бидат внимателно разгледани пред донесување на конечно решение. Решенијата што се разгледуваат се во насока на остварување на јасно дефинираната цел – заштита на јавното здравје. Истовремено, се води сметка и за економските аспекти, односно за потенцијалното влијание врз деловната активност, инвестициите и долгорочната одржливост на стопанството, со цел да не се наруши стабилноста на бизнис секторот“, вели Елена Радовиќ-Јанакиев, оперативен директор во тутунска компанија.
Законот предвидува пушење само на отворено, забрана на пушење во јавни и работни простории и во возила со деца, ограничување на продажба и рекламирање на тутунски производи.
Бенефитот од овој Закон е општествен, економски и здравствен. Помалку белодробни, срцеви и канцерогени заболувања. 60 насто од населението се пушачи, а 13 насто на возраст од 13 до 15 години. Целта е да се заштитат пасивните пушачи.
Александра Велинова
