Свет

ЕУ поделена за новиот пакет санкции против Русија

23.02.2026 16:54

На четвртата годишнина од војната во Украина, министрите за надворешни работи на Европската унија во Брисел ги кршат копјата со различни ставови околу усвојувањето на 20-от пакет санкции за Русија, бидејќи најмногу се противат Унгарија и Словачка...

На четвртата годишнина од војната во Украина, министрите за надворешни работи на Европската унија во Брисел ги кршат копјата со различни ставови околу усвојувањето на 20-от пакет санкции за Русија, бидејќи најмногу се противат Унгарија и Словачка.

„Притисокот досега беше врз Украина, кога станува збор за мировните преговори, но јасно е дека мора да има притисок и кон на руската страна, бидејќи тие се агресорот во оваа војна“, рече Каја Калас, високата претставничка на Унијата за надворешна и безбедносна политика.

И додека унгарскиот министер за надворешни работи, Сијарто, вели дека Унгарија нема да одобри ништо додека не продолжи транспортот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“ до неговата земја, германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на континуиран притисок врз Русија, апелирајќи до европските партнери да „не попуштат во поддршката за Киев.

Путин веќе ја почна Третата светска војна, но главно прашање е како тој да се запре, вели во интервју украинскиот претседател Зеленски. Тој ги отфрли територијалните отстапки како цена за мирот и предупреди дека амбициите на Путин нема да запрат на границите на Украина.

Речиси секоја земја во Европа значително го намали или целосно го прекина увозот на руска енергија откако Москва ја започна војната во Украина во 2022-ра година. Сепак, Унгарија и Словачка, членки на ЕУ и НАТО, ги одржаа, па дури и ги зголемија испораките на руска нафта и гас, и добија привремено ослободување од политиката на ЕУ со која се забранува увозот на руска нафта.

Миле А. Ристески