Партиски реакции по предавањето на Артан Груби кој се товари за проневера во Државна лотарија
Партиски реакции по апсењето на Груби. „Како што се договорија да го пуштат, така се договорија и да се врати, насмеан на граница“, коментираат социјалдемократите. Велат дека ова е сценарио на власта за да го прикрие криминалот во своите редови. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвратија-СДС нервозни и фрустрирани зошто Груби е уапсен, зашто би можел да изнесе афери и криминали за нивни сопартијци. „Вреди“ пак прашуваат дали Артан ќе му зададе удар на Ахмети и кој ќе оди курбан.

Апсењето на Артан Груби е инсценирано. Тоа е политички договор-сметаат од СДСМ. Како што го пуштија да замине, така се договорија да се врати-велат од партијата. Според социјалдемократите целта е, ДУИ да го спасува Мицкоски, да се прекрие нарко скандалот тежок 5 тони марихуана и да се најде поврзаност со СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ категорични-додека првиот вицепремиер од Владата на СДСМ и ДУИ, Груби – олицетворение на криминалот крадеше, СДСМ молчеше.
Секој кој се огрешил пред законот, порано или подоцна ќе се соочи со правдата – порачуваат од партијата.
Конечно се предаде „црната кутија“ за вмешаноста на ДУИ – смета ВРЕДИ. Од таму прашуваат „Дали сега Груби ќе го зададе фаталниот удар на Ахмети и ДУИ“.
Се огласија и од ДУИ. Тие позитивно ја оценуваат одлуката на нивниот поранешен висок функционер да се врати во државата и да се соочи со институциите. Интегративците очекуваат транспарентен судски процес без политичко влијание.
„ДУИ останува непоколеблива во ставот дека правдата мора да биде еднаква за сите, без селективност, без двојни стандарди и без политички влијанија. Само правична и професионална постапка ѝ служи на вистината, на институциите и на довербата на граѓаните“, стои во соопштението од ДУИ.
Груби се товари за проневера од над 8 милиони евра од Државна лотарија.
Марина Стојанова-Тонева
