Мексико се смирува по смртта на водачот на картелот „Нова генерација Халиско“
Ситуацијата во Мексико се стабилизира по бранот насилства кои избувнаа по смртта на водачот на моќниот картел, „Нова генерација Халиско“, Немесио Осегера Сервантес, во подземјето познат како „Ел Менчо“.

Ситуацијата во Мексико се стабилизира по бранот насилства кои избувнаа по смртта на водачот на моќниот картел, „Нова генерација Халиско“, Немесио Осегера Сервантес, во подземјето познат како „Ел Менчо“. Властите распоредија илјадници војници за да ја зајакнат безбедноста. Потврдија дека се расчистени сите над 250 блокади на картелите низ 20 држави.
„Најважно во овој момент е да се гарантира мирот и безбедноста на целото население, на целото Мексико. И тоа се прави. Денес има повеќе мир, има влада, вооружени сили, кабинет за безбедност и има голема координација“, изјави Клаудија Шајнбаум – претседателка на Мексико.
Привремено заглавените туристи се враќаат дома, сведочат за хоророт што го преживеале.
„Бев во сместувањето, тргнав кон базенот кога слушнав бум, мислев дека е огномет. Но, беше автомобил што експлодираше до одморалиштето. Пепел паѓаше насекаде и врз мене. Сега сме безбедни, но бевме исплашени, среќни сме што се враќаме дома“, изјави Ксавиер Куберо – американски турист што се враќа од Пуерто Ваљарта.
„Ел Менчо“ беше застрелан во престрелка со војската во Халиско и почина во притвор по што картелот возврати со насилство, блокади и палење возила при што загинаа над 70 луѓе, меѓу кои 25 припадници на безбедносните сили. Тој беше еден од најбараните бегалци во светот, со награда од 15 милиони долари понудена од САД.
