Воен конфликт

Четири години руска инвазија врз Украина, преговорите сè уште без резултат

24.02.2026 11:23

Четири години од руската агресија на Украина. Преговорите за крај на војната, што почнаа пред повеќе месеци, сè уште без резултат. Главна пречка се териториите што ги бара Русија, а Киев одбива за тоа да се дискутира. Европската унија не се откажува од поддршката за Украина, порака од Брисел.

Со едноминутен молк низ Украина почна одбележувањето на четири годишнината од руската инвазија. Линијата на фронтот непроменета, дипломатското решение заостанува. Војната остави илјадници жртви и уништена инфраструктура. Опстанокот на Украина е резултат на храброста-рече Зеленски и нагласи дека Путин не ги постигнал своите цели во војната. Тој ги повика САД да останат на страната на Киев и нагласи дека секој иден договор мора да обезбеди вистински безбедносни гаранции и да биде прифатен од украинскиот народ.

„Денес се навршуваат точно четири години откако Путин „го зазеде Киев за три дена“. Тоа навистина многу кажува за нашиот отпор, за тоа како Украина се бореше цело време. Ќе направиме повеќе бидејќи Русија, за жал, не запира и се бори со сите средства против мирот, против нас. Сите сакаме војната да заврши. Сакаме силен, достоинствен и траен мир. Затоа има толку многу рунди преговори и битки за секој збор, секоја точка, секоја вистинска безбедносна гаранција, за да биде договорот силен“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

На комеморативните настани во Киев и европските лидери. Фон Дер Лајен ја нагласи непоколебливата поддршка за Украина.

„Да потврдиме дека Европа непоколебливо стои со Украина, финансиски, воено и во текот на оваа сурова зима. Да ја нагласиме нашата трајна посветеност на праведната борба на Украина. И да испратиме јасна порака до украинскиот народ и до агресорот: нема да попуштиме додека не се воспостави мир. Мир под условите на Украина“, објави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Францускиот претседател Макрон ја опиша војната како „троен неуспех за Русија“ и предупреди дека Русите еден ден ќе ја сфатат разорната цена на агресијата врз сопствената земја.

„Еден ден, Русите ќе ја сфатат огромноста на злосторството извршено во нивно име, празнината на изговорите што се користат и долгорочните, разорни ефекти врз сопствената земја“, објави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Германскиот канцелар Мерц, пак, го нагласи значењето на европското единство додавајќи дека четири години војна беа кошмар не само за украинскиот народ, туку и за цела Европа. Русија, пак, тврди дека непочитувањето на договорите од страна на Киев го оправдува почетокот на „специјалната операција“ и ја потенцира стратешката закана од НАТО. На годишнината од војната, руските гранатирања не престануваат. Во Москва, пак, во близина на железничката станица, бомбашки напад. Еден полицаец загина, двајца се повредени откако засега непознат напаѓач детонирал експлозив.

Бојана Крстевски