ОЈО

МВР и АНБ процениле дека Груби не е безбеден во притвор

24.02.2026 11:34

Јавното обвинителство реагираше по бурните реакции во јавноста за мерката куќен притвор определена за поранешниот вицепремиер Артан Груби во предметот „Државна лотарија“, нагласувајќи дека одлуката е донесена исклучиво врз основа на закон...

Јавното обвинителство реагираше по бурните реакции во јавноста за мерката куќен притвор определена за поранешниот вицепремиер Артан Груби во предметот „Државна лотарија“, нагласувајќи дека одлуката е донесена исклучиво врз основа на закон.

„Согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа“, велат од Обвинителството.

Според нив, таквите услови во конкретниот случај биле исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања биле презентирани пред судијата на претходна постапка.

За Обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. Како што посочуваат, за него била спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид, 

Воедно, обвинителите уверуваат дека постапуваат одговорно и во рамки на своите законски надлежности.

Имајќи го предвид зголемениот јавен интерес за случајот „Државна лотарија“, од обвинителството повикаа на воздржаност од коментари за донесените одлуки, со цел да се овозможи ефикасна и правична постапка.