Туристичките водичи бараат засилен ангажман на инспекциите
Денес по 5-ти пат во Битола се реализираше бесплатна пешачка тура низ градот, со лиценциран туристички водич. Целта е промоција на работата и улогата на туристичките водичи во претставување на историското културно наследство. Но, овие работници и понатаму се соочуваат со бројни предизвици, а најголемиот проблем е што странските групи, се поретко ангажираат локални туристички водичи…

Битола има богато културно историско наследство и приказни што вредат да се слушнат. А токму туристичките водичи се оние кои го поврзуваат минатото со сегашноста и го претставуваат градот пред светот.
Марија Ивановска работи како лиценциран туристички водич и придружник повеќе од десет години. Таа вели Македонија е една од ретките земји која има закон и формално образование за стекнување лиценца за туристички водичи. Такви во државава се 1.079, а во Битола околу 70, од кои само дваесетина активно работат-бројката е доволна со оглед на тоа дека странските групи избегнуваат да ангажираат локални водичи.
Овој проблем најлесно може да се реши со излегување на терен на пазарната инспекција и регулирање на сите групи. Неопходно е воведување на туристичка инспекција.
Дека Битола сè почесто се наоѓа на туристичката мапа на регионот потврдуваат и од битолскиот Завод и музеј. Кај нив најчести се посетителите од република Турција. Но не изостануваат и од европските земји.
Во последните години Битола е еден од најпосетуваните градови, за жал само како транзитен град. Според туристичките водичи проблемот за овој транзитен туризам е тоа што нема доволно сместувачки капацитети.
Александра Максимовска
