Свет

Украина ја одбележа четиригодишнината од почетокот на руската инвазија

24.02.2026 15:22

Четири години руска инвазија на Украина. Земјата е разорена од војната, но нејзиниот дух не е скршен. Зеленски порача дека Путин не успеал да ги постигне целите. Во центарот на Киев комеморација, на која присуствуваа и европските лидери. На фронтот борби. Западот со поддршка за Украина, која полага надежи во мировните преговори со посредство на САД, иако и забележува на Москва дека нема интерес за договор...

Четири години од руската инвазија врз Украина – линијата на фронтот непроменета, дипломатското решение заостанува. Илјадници жртви и уништена инфраструктура, но земјата опстана – изјави Зеленски и нагласи дека Путин не ги постигнал целите во војната. Ги повика САД да останат на страната на Киев и потенцира дека секој иден договор мора да обезбеди вистински безбедносни гаранции и да биде прифатен од украинскиот народ.

„Денес се навршуваат точно четири години откако Путин „го зазеде Киев за три дена“. Тоа навистина многу кажува за нашиот отпор, за тоа како Украина се бореше цело време. Ќе направиме повеќе бидејќи Русија, за жал, не запира и се бори со сите средства против мирот, против нас. Сите сакаме војната да заврши. Сакаме силен, достоинствен и траен мир. Затоа има толку многу рунди преговори и битки за секој збор, секоја точка, секоја вистинска безбедносна гаранција, за да биде договорот силен“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

На комеморативните настани и европските лидери. Фон Дер Лајен ја нагласи непоколебливата поддршка за Украина. Макрон ја опиша војната како „троен неуспех за Русија“, а Мерц го нагласи значењето на европското единство додавајќи дека војната не е кошмар само за Украинците, туку и за цела Европа.

„Да потврдиме дека Европа непоколебливо стои со Украина, финансиски, воено и во текот на оваа сурова зима. Да ја нагласиме нашата трајна посветеност на праведната борба на Украина. И да испратиме јасна порака до украинскиот народ и до агресорот: нема да попуштиме додека не се воспостави мир. Мир под условите на Украина“, објави претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен.

„Еден ден, Русите ќе ја сфатат огромноста на злосторството извршено во нивно име, празнината на изговорите што се користат и долгорочните, разорни ефекти врз сопствената земја“, објави францускиот претседател, Емануел Макрон.

Безбедноста на Украина е безбедност и на Европа – нема вистински мир во Европа без мир во Украина – дециден шефот на НАТО. Поддршка пристигна и од Обединетото Кралство.

„Императив е Украина да продолжи да ја добива воената, финансиската и хуманитарната помош што ѝ е потребна, а кога борбите ќе престанат, мирот мора да се одржи. Со силни украински сили подготвени да одвратат и да се бранат, и ефикасни безбедносни гаранции од партнерите на Украина: Европа, Канада и САД“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

„Сите сакаме праведен и траен мир и тоа е она за што сите работиме толку напорно. Зеленски покажа волја, тој ја презеде водечката улога. Путин е тој што стои на патот. И затоа секогаш мора да ја удвојуваме нашата поддршка за Украина“, порача Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.

Русија, пак, тврди дека непочитувањето на договорите од страна на Киев го оправдува почетокот на „специјалната операција“ и ја потенцира стратешката закана од НАТО.

„Продолжуваме со нашите напори за мир. Нашата позиција е јасна и конзистентна. Сега сè зависи од постапките на режимот во Киев. Ќе ве информираме за локацијата и времето на следната рунда откако ќе се постигне соодветно разбирање меѓу страните“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

На годишнината од војната, руските гранатирања не престануваат. Во Москва, пак, во близина до железничката станица, бомбашки напад. Еден полицаец загина, двајца се повредени откако засега непознат напаѓач детонирал експлозив.

Бојана Крстевски