Филков бара проверки и одговорност за одлуката за куќен притвор
Филков изјави дека досега не коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки, но дека во овој случај јавноста има право на одговори, особено затоа што станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, а ризикот од бегство веќе бил утврден.

Министерот за правда Игор Филков побара Судски совет и Совет на јавни обвинители итно да свикаат седници и да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител кои одлучиле затворскиот притвор да биде заменет со куќен, во случај поврзан со истрагата за проневера од над осум милиони евра.
Филков изјави дека досега не коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки, но дека во овој случај јавноста има право на одговори, особено затоа што станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, а ризикот од бегство веќе бил утврден.
Тој ги повика јавниот обвинител Даниел Коцев, раководителот на обвинителството Анел Фидоски и судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, Марин Станевски, јавно да ги образложат правните аргументи врз основа на кои е донесена одлуката.
Министерот најави и дека ќе биде побарано објаснување за условите во притворските установи, како и вонреден надзор во казнено-поправните установи за утврдување на безбедносната состојба, нагласувајќи дека одговорноста мора да биде лоцирана со име и презиме.
