Лавина партиски реакции по одлуката за куќен притвор за Груби
Лавина реакции по одлуката за домашен притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој по 14-месеци бегство со распишана меѓународна потерница се врати во Македонија.

Партии и активисти создаваат атмосфера на хистерија и линч преку однапред дефинирана пресуда, сметаат од Демократската унија за интеграција. Порачуваат, неприфатливо е правни процеси да се водат надвор од институционалната и правната рамка.
„Упатуваме јасен повик до судот, обвинителството и сите надлежни органи да не потпаѓаат под политички притисоци и да постапуваат исклучиво врз основа на закон и докази“-велат од ДУИ.
Стариот лисец Али Ахмети од мајстор на политичкиот занает, стана ранет играч кој чека политичка егзекуција од поранешниот најблизок соработник. Вистината ќе почне да излегува на површина – посочува ВРЕДИ.
„Артан Груби не беше обичен функционер. Тој беше извршител, координатор и доверлив човек за сите клучни одлуки во изминатите години. Од заткулисни договори, преку сомнителни тендери, до политички пазари, Груби беше присутен секаде каде што се кроеше моќта на ДУИ“, велат од ВРЕДИ.
Институциите си ја завршија работата, го доведоа Груби пред лицето на правдата, став на ВМРО-ДПМНЕ. Очекуваат фер и праведна судска постапка против поранешниот прв вицепремиер. Од партијата велат дека го разбираат стравот и загриженоста кај СДСМ.
„Дали имаат страв дека неговиот исказ ќе оди до поранешен претседател на СДС и премиер на Македонија? Затоа ли вртеа по телефони интересирајќи се за исказот на Груби? Кого може Груби да повлече со него, дали со него ќе ги повлече и неговите ортаци по криминал Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ и други?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено – велат од Бихаќка. Според СДСМ, нејасно е како за лице по кое е распишана меѓународна потерница се одредува куќен притвор.
„Иако еднаш избегал, вчера обвинителството побарало поблага мерка од претходно веќе одредената мерка притвор. Замислете, еднаш избегал, а сега Обвинителството бара замена на мерката притвор со мерка куќен притвор. Кој е предметен обвинител за овој случај? Даниел Коцев. А негов шеф? Обвинителот Анел Фидоски“, велат од СДСМ.
Наместо еднакви стандарди „селективна строгост“, а наместо владеење на правото – управување со правдата според политички контекст, реакција на Левица за одлуката за куќен притвор за Груби.
Марина Стојанова-Тонева
