Поради страв, жителите на Старо Нагоричане се под клуч
Страв, вознемиреност и револт кај жителите во Старо Нагоричане, по случајот со можен сериски убиец. Дел од семејствата си ги повлекуваат родителите во Куманово. Повозрасните и тие малку што ги има, живеат под клуч. Истрагата за убиствата продолжува.

Жителите на Челопек, Драгоманце, Коинце сè уште вознемирени од последните случувања со можниот сериски убиец. Поради страв дел од семејствата си ги повлекле повозрасните родители. Оние пак што останале во селата, загрижени за својата безбедност, сега живеат под клуч, иако осомничениот веќе е во притвор. Старонагоричани не помнат вакви настани. Повеќето го познаваат осомничениот. Често се движел низ селата, го чувал добитокот. Но револтирани укажуваат институциите морале порано да реагираат, бидејќи лицето, со име и презиме, веќе било посочувано за напади.
„Стравуваме како не, јас маж ми оди во Германија, син ми не е тука, сама си седам, ама сега ми е страв. Некои жени што живеат постари сите ги одведоа или ќерки, синови, или доаѓаат често“, истакна жителка на с. Челопек.
„И тој не знаеше што прави, тука беше како слуга на тој очув мајка му го доведе тука и му пасеше овци. Вознемирени се жителите по вакви случаи немало досега. Вознемирени се, јас сум сам живеам тука мора да се клучиш, да внимаваш“, дополни жител.
Дваесет и петгодишникот од Драгоманце е уапсен по убиството на 78 годишната жена во Челопек. Тој е осомничен за повеќе кривични дела, убиства и тешки кражби.
Иако сè уште официјално не е потврдено колку случаи се проверуваат, неофицијално станува збор за пет жени. Од нив една помлада околу 35 години, а сите останати повозрасни, жени.
За една од жртвите беше дадена наредба за ексхумација и обдукција. Обвинителството најавува нови детали за истрагата. Сè уште се прибираат докази, искази даваат и членовите на семејствата на жените коишто го преживеале нападот.
Елена Георгиевска
