Собрание

Дебата за минималецот, помали плати за функционерите

24.02.2026 15:50

Законските измени за минималец од 600 евра, поднесени од СДСМ и „Левица“ не го поминаа комисискиот филтер во собранието. Опозицијата смета дека мора да се реагира поради зголемените трошоци на живот. Власта, пак, одлучи да поднесе предлог за намалување на функционерските плати...

Растот на минималната плата на 600 евра мора да се случи, ако сакаме пристојна живејачка и социјална нормалност, рекоа од СДСМ, чиишто пратеници на собраниска Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика ги образложија законските измени за повисок минималец.

Иако Законот не помина на Комисијата, тој ќе оди понатаму на седница, оти е во редовна постапка.

Дел од пратениците рекоа дека растот на трошоците на живот директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.

Од ВМРО-ДПМНЕ предложија законски измени за намалување на функционерските плати. Заштедените средства, велат, ќе бидат пренаменети за здравство, образование и социјална заштита.

Со измените се опфаќаат платите на пратениците, министрите и другите функционери во извршната власт, судиите и обвинителите, градоначалниците. Предложените мерки предвидуваат намалување на коефициентите за државните функционери, но и нова скала на плати за градоначалниците според број на жители.

 

Борис Грујоски