Обвинителството ја правда одлуката за куќен притвор за Груби
МВР и АНБ направиле проценка дека Груби не е безбеден во Шутка. Обвинителството смирува, куќниот притвор со 24-часовен надзор гарантира обезбедување на осомничениот. Правните експерти бараат дополнителни објаснувања.

МВР и АНБ дошле до информации дека Груби нема да биде на сигурно во затворот Шутка, па бидејќи биле собрани доказите против него, најсоодветно е да биде во домашен притвор. Ден по апсењето, Обвинителството се правда зошто решиле наместо ефективен, да бараат куќен притвор.
„По проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на осомничениот. Мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа“, велат од Обвинителството.
Адвокатот Новаковски вели дека Обвинителството треба јавно да каже кои се тие безбедносни предизвици што ги детектирале институциите, во спротивно ублажувањето на мерката може да се сфати како – награда за бегство.
Поранешниот обвинител Димовски смета дека станува збор за политички пазар и дека тоа што Груби се предал – не е олеснителна околност за поблага мерка.
Груби е осомничен за „проневера во службата“ во случајот Државна лотарија.
Анита Димитријевска – Велковска
