Филков бара итни седници на Судскиот и Советот на обвинители за случајот со Груби
„Досега го почитував принципот на поделба на власта и не коментирав судски и обвинителски одлуки, но сега ми е должност да побарам отчетност“ – по домашниот притвор за Груби, министерот Филков ги повика Судскиот и Советот на јавните обвинители да проверат дали има основ за одговорност кај судијата и предметниот обвинител.

Министерот за правда, Игор Филков бара Судскиот и Советот на јавните обвинители итно да свикаат седници за да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката, Артан Груби наместо во ефективен да заврши во куќен притвор. Според него, со ова се разнишува довербата во правната држава и предупреди дека залудно е да се носат закони ако соодветно не се спроведуваат, и ако се носат одлуки кои во прашање ја доведуваат еднаквоста пред законот.
Министерот побарал и добил уверување од Управата за извршување санкции за безбедносните услови во притворските установи, вклучително и во Истражниот затвор Скопје, од каде порачуваат дека безбедноста на секое притворено лице, вклучително и на Артан Груби ја гарантира државата.
Од МВР велат дека со Обвинителството ги споделиле сите информации и сознанија, и оти одлуката е на обвинителството и на судот.
„Министерството за внатрешни работи, согласно своите законските надлежности ги сподели со Јавното обвинителство сите информации и сознанија со кои располагаше, а кои се однесуваат на конкретното лице, вклучително и информациите од Агенцијата за национална безбедност“, велат од МВР.
Игор Панов
