Зеленски: Путин не ги постигна целите
Одбележана четиригодишнината од руската инвазија врз Украина. Зеленски порача – Путин не ги постигна целите. Во Киев комеморации – борбите продолжуваат, но и дипломатски напори да се стигне до решение.

Четири години од руската инвазија врз Украина. Земјата брои илјадници жртви и уништена инфраструктура. Дипломатско решение и натаму нема, преговорите продолжуваат. „Ние никогаш не ја одбравме оваа војна и правиме сè што можеме за да ја спречиме“, истакна Зеленски. Ги повика САД и Европа да продолжат со притисокот врз Москва.
„Сите разбираме дека не е лесна задача да се одржи трансатлантското единство и соработка во сегашните услови. Но, благодарен сум им на сите што и покрај сите предизвици, продолжуваат да ја чуваат оваа глобално важна врска помеѓу Европа и Америка и помеѓу сите светски демократии. Мора да продолжиме формално да го применуваме целиот спектар на заштита од Русија, од силни санкции до вистинска поддршка за живот по руските напади“, изјави Зеленски.
Европарламентот одобрува заем од 90 милијарди евра за одржување на одбраната на Украина. Коалицијата на подготвените, НАТО и украинските партнери со состаноци и комеморативни церемонии ја истакнаа силната поддршка за земјата. Министерот за европски прашања, Беким Сали во официјална посета на Киев на средби со државниот врв.
„Меѓународните граници не можат да се менуваат со сила. Тоа е принцип кон кој се придржуваме. Секое решение ќе функционира само со поддршка на коалицијата на подготвените“, смета Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
„Се залагам за сите иницијативи во однос на преговорите, но сум многу скептичен, благо речено, во врска со фактот дека ќе постигнеме краткорочен договор“, нагласи Емануел Макрон, претседател на Франција.
„Се поклонуваме во чест на огромните жртви што ги направија украинските војници и цивилите. Нивната храброст останува инспирација за целиот свет“, рече Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
„Императив е Украина да продолжи да ја добива воената, финансиската и хуманитарната помош што и е потребна, а кога борбите ќе престанат, мирот мора да се одржи“, нагласи Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Русија, пак, тврди дека непочитувањето на договорите од страна на Киев го оправдува почетокот на „специјалната операција“ и ја потенцира стратешката закана од НАТО.
„Продолжуваме со нашите напори за мир. Нашата позиција е јасна и конзистентна. Сега сè зависи од постапките на режимот во Киев“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Западните медиуми уверуваат дека американскиот претседател Трамп, се обидува да постигне договор за прекин на војната во Украина пред 4 јули, кога ќе биде домаќин на одбележувањето на 250-годишнината од американската независност.
Маријана Димовска
