Шест компании за одгледување канабис за медицински цели останаа без лиценци поради констатирани неправилности
Шест компании за одгледување канабис за медицински цели останаа без лиценци поради констатирани неправилности, информираше министерот за здравство, Азир Алиу. Меѓу нив е и фирмата вмешана во шверцот на марихуана во Србија. Ќе се контролираат сите 43 компании од оваа дејност, но ќе се менува и законското решение...

Сувиот цвет од канабис не бил соодветно складиран, документацијата за продажба и трансфер била нецелосна, а во дел од компаниите, камерите не работеле, немало ниту обезбедување – ова се дел од пропустите кои при контролите се утврдени кај шесте компании за производство на медицински канабис кои останаа без лиценца. Меѓу нив е и „Алфафарм“ која се поврзува со случајот со шверц на марихуана во Србија. И покрај многуте неправилности, контролите затаиле, министерот за здравство вели – причината е недостигот од човечки капацитети.
„Ние како држава обврзани сме да имаме агенција или сектор во Министерството за здравство, тоа не е направено. Ние сме свесни дека со пет луѓе кои дополнително и ова го работат, свесни сме дека човечките капацитети се многу лимитирани и затоа можеби немало редовни контроли во тие институции“, изјави Азир Алиу – министер за здравство.
Контроли се спроведени кај 13 фирми, а ќе бидат опфатени сите 43 кои имаа лиценци за одгледување канабис за медицински цели. Здравствените власти најавуваат измени во правилниците кои го контролираат овој бизнис.
„Детектиравме пропусти во законот и ќе имаме ново законско решение кое нема да може да се злоупотреби. Тоа ќе го оставиме на стручните лица, но ќе имаме законско решение кое ќе биде во согласност со ЕУ директивите и она што недостига на терен“, изјави Азир Алиу – министер за здравство.
Досега во акцијата на Министерството за внатрешни работи се запленети 40 тони канабис, но не се исклучува можноста бројката да се зголемува. Обвинителството отвори истрага против шест лица вмешани во шверц на марихуана од Македонија во Србија.
По полициската акција за заплена на марихуана, фирмите кои произведуваат медицински канабис се под постојан надзор. Според надлежните – најспорен е правилникот, кој отворил простор за криминал. Во најавија е измена на регулативата која треба да го контролира овој бизнис.
Андријана Ѓурческа
