ДИК бира нова методологија за проверка на избирачкиот список
ДИК ќе го проверува избирачкиот список. До Нова година сите релевантни чинители треба да одберат методологија. ВМРО-ДПМНЕ ги бара на маса европските искуства, за да не се погреши во изборот. Опозицијата, пак, на состанокот во ДИК не испрати претставник за да дискутира на тема – проверка на избирачкиот список...

Ќе се анализира базата на податоци, анкетари од врата на врата ќе проверуваат дали гласачот го има во списокот, но и дали избирачите заведени во списокот се живи и престојуваат на адресата под која се водат. Ова се трите методологии кои стојат на маса, а која ќе се спроведува ќе се знае до Нова година.
„Првата е избор на репрезентативен примерок, односно во предлогот стои четири помали општини да немаат помалку од 5.000 избирачи“, вели претседателот на Работната група за проверка на избирачкиот список, Бедредин Ибраими.
„Овие техники се користат во земји кои на некаков начин имаат предизвик со избирачкиот список“, смета Златко Димитриоски од Мост.
Методологијата подразбира проверка на постојниот, но не и изработка на нов избирачки список. Ќе се спроведува на репрезентативен примерок од 4 општини кои не се помали од 5.000 жители.
„Добро е да имаме една анализа која од овие три методологии, во кои земји е присутна во Европската унија, за да можеме и ние со една таква компаративна анализа да донесеме соодветна и правична одлука“, предложи Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ.
До крајот на декември треба да се состават прашалниците, да се најдат анкетари и контролори и да се дефинира Буџетот.
„Избирачкиот список треба да биде документ за поголема доверба во целиот изборен процес“, рече Абдулаќим Адеми, од ДУИ.
Изборот на методологијата се постигнува со консензус, а без опозиција нема договор.
Иако СДСМ заговараше дека бројот на гласачи во избирачкиот список е поголем од реалниот број избирачи, денеска не испрати претставик во работната група за да се утврди методологијата.
Претставик не испрати ниту опозициската ДПА.
Анита Димитријевска
