САД

Предупредување до Иран, ветување за мир во Украина - обраќање на Трамп пред Конгресот

25.02.2026 11:40

Годишно обраќање на Трамп пред Конгресот. Упати предупредување до Иран, но и ветување за мир во Украина. Обраќање на Трамп до нацијата. Шефот на Белата куќа се пофали и дека земјата ја внел во златното доба...

Американската економија е во подем како никогаш досега, ова е златното доба на земјата, нашата нација се врати, поголема, подобра, побогата и посилна од кога било претходно, истакна шефот на Белата куќа во обраќањето пред Конгресот. Во маратонскиот говор за состојбата на нацијата, Трамп потенцираше дека ја намалил инфлацијата, ги довел берзите на рекордни нивоа, вовел важни даночни олеснувања и ги намалил цените на лековите. Го укори Врховниот суд поради забраната за воведување сеопфатни царини на увоз на стоки.

„Се функционираше добро, земјите што не мамеа со децении сега ни плаќаат стотици милијарди долари. Дури и демократите го знаат тоа. И потоа, само пред четири дена, донесена е несреќна пресуда од Врховниот суд на Соединетите Американски Држави. Но, добрата вест е дека речиси сите земји и корпорации сакаат да го задржат договорот што веќе го склучија“, изјави Доналд Трамп.

Американскиот претседател истакна дека јужната граница на земјата е безбедна и повторно ги обвини демократите за изборна измама. Трамп истакна дека ги завршува конфликтите во светот и работи напорно за крај на војната меѓу Русија и Украина. Во пресрет на разговорите во Женева, американскиот лидер вели дека би претпочитал да користи дипломатија, но нема да дозволи Техеран да има нуклеарно оружје.

„Со децении, политика на САД беше никогаш да не дозволат Иран да се здобие со нуклеарно оружје. Откако ја презедоа контролата врз таа горда нација пред 47 години, режимот и неговите убиствени посредници ширеа само тероризам, смрт и омраза. Мојот избор е да се реши овој проблем преку дипломатија. Но, едно е сигурно, никогаш нема да дозволам најголемиот спонзор на теророт во светот да има нуклеарно оружје“, додаде Трамп.

За време на обраќањето, демонстранти во Вашингтон се собраа на контранастан „Народен говор за состојбата на нацијата“, на кој присуствуваа и група пратеници-демократи кои го бојкотираа говорот. Претходно, претставници на опозицијата и дадоа катастрофална оценка на американската влада, а реалноста тврдат дека може да се сумира со три збора, трошоци, хаос, корупција.

„Тој се збогатува себеси, своето семејство, своите пријатели. Размерот на корупцијата е невиден. Тука се прикривањето на досиејата на Епстин, крипто измамите, дружењето со странски принцови за авиони и милијардери за балски сали, ставањето на неговото име и лице на згради низ целиот главен град на нашата нација. Ова не е она што нашите основачи го замислуваа“, изјави гувернерка Абигејл Спанбергер, демократка од Вирџинија.

Доналд Трамп го постави рекордот за најдолг говор за состојбата на Унијата, со времетраење од 1 час и 47 минути, соборувајќи го рекордот на Бил Клинтон од неговото последно обраќање во 2000 година.

Маријана Димовска