Македонците онлајн купуваат најмногу облека и модни додатоци
Модата убедливо доминира во онлајн купувањето кај Македонците, додека храната, електрониката и лековите остануваат со многу ниска застапеност, покажува најновиот регионален преглед за е-трговија.

Според „Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан 2025“, изработен од Асоцијацијата за е-трговија во Северна Македонија, 63,2% од интернет корисниците во земјава купуваат онлајн. Со тоа Македонија е над повеќето земји од регионот, освен Србија (65%), но сè уште под европскиот просек од 76,6%.
Дури 73,9% од онлајн купувачите нарачале облека, обувки и модни додатоци, што ја прави модата најдоминантна категорија и над европскиот просек. Значително помала е куповната активност во други сегменти: 25,3% купиле спортска опрема, 21,8% козметика и wellness производи, 12,4% домашни и градинарски производи, 11,4% ИТ-уреди, а само 7,6% храна и пијалаци. Електроника и апарати за домаќинство онлајн купиле само 2,3% од испитаниците.
Во делот на услугите, 44,1% платиле интернет или мобилни услуги онлајн, а 33,7% комунални услуги – и двете категории над европскиот просек.
Претседателката на Асоцијацијата, Нина Ангеловска Станков, оцени дека, покрај модата и услугите, постои значителен неискористен потенцијал за раст во други категории.
Извештајот беше презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија во Скопје и ги опфаќа податоците за земјите од Западен Балкан, врз основа на анкета на ДЗС за првото тримесечје од годината.
