Македонија

Измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување пред Уставен суд

25.02.2026 10:58

Уставниот суд ќе разгледува повеќе иницијативи со кои се оспоруваат измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, поради ограничувањето на зголемувањето на пензиите само за оние што ги примаат во државата.

Уставен суд денеска ќе ја одржи 5 седница, на чиј дневен ред се седум иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и пет предлог-одлуки по веќе поведени постапки.

Меѓу нив се и иницијативите што се однесуваат на измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои зголемувањето и усогласувањето на пензиите се ограничува на корисниците што пензијата ја примаат во државата.

Подносителите – граѓани што живеат во странство, како и Народниот правобранител тврдат дека со ваквите одредби се создава дискриминација и нееднаква положба меѓу пензионерите, бидејќи правото на пензија е стекнато врз основа на уплатени придонеси, а не според местото на живеење или исплата.

Според наводите во иницијативите, околу 12.000 пензионери кои живеат надвор од државата би останале без предвиденото усогласување, што, како што се наведува, претставува повреда на уставно загарантираните права.