Случајот со Груби ја бранува политичката сцена
Не стивнуваат политичките реакции и обвинувањата по приведувањето и одлуката за куќен притвор на екс вицепремиерот Артан Груби. СДСМ продолжува да обвинува за договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, бара одговор врз основа на кои информации обвинителството донело одлука. Очигледна е паниката во редовите на социјалдемократите – велат од владејачката партија.

Приведувањето и куќниот притвор за Артан Груби ја бранува политичката сцена. Социјалдемократите препознаваат договорено сценарио.
„Директорот на затворот Шутка, Бобан Утковски, го демантираше Обвинителството и рече дека ниту МВР ниту АНБ не се обратиле ниту усно, ниту писмено до затворот за да побараат мислење за безбедноста. Епа како донеле одлука во Обвинителството? Има ли подобра потврда од ова тврдење дека сè е договорено и дека јавноста само се лаже и се замајува?“, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Очигледна е паниката во редовите на социјалдемократите од она што има да го каже Груби, чијшто исказ може да води и до првенци на СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат сè“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Артан Груби е црната кутија на ДУИ, а кога црната кутија еднаш ќе падне во раце на институциите, почнува расплетот, велат од ВРЕДИ.
„Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен. Тие не се плашат од мерката, туку од тежината на она што Груби го носи со себе. Бидејќи тој беше таму каде што се решаваше сè. Таму каде што се договараа работите под маса. Таму каде што се кроеше моќта и се делеа интересите“, велат од ВРЕДИ.
Демократската унија за интеграција негодува од однесувањето на политичките партии, кои како што велат, го политизираат случајот.
„Создаваат атмосфера на хистерија и линч преку однапред дефинирана пресуда. Тие целосно ја преземаат улогата на обвинители и судии, расфрлајќи се со мерки за претпазливост, јавно повикуваа на линч на претставниците на обвинителството и судот, без никакво елементарно почитување на принципот на презумција на невиност“, рекоа од ДУИ.
Министерот за правда Филков кога бара одговорност со име и презиме, не станува збор за мешање во правосудството, туку обид да се врати довербата што беше разнишана во годините кога СДСМ и ДУИ создаваа механизми на селективна правда, велат од ЗНАМ.
Миле А. Ристески
