Јавните обвинители реагираат за намалувањето на платите
Здружението на јавни обвинители се противи на намалувањето на нивните плати. Велат, ем се најниски во регион, ем не се исплаќаат додатоците. Здружението доби поддршка и од првиот човек на Советот.

Здружението на јавни обвинители реагираше на корекцијата на коефициентите за намалување на платите. Оттаму предупредија дека плата на обвинител не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган, освен при утврдена дисциплинска одговорност, дотолку повеќе што платите на македонските обвинители се најниски во регионот.
„Јавните обвинители извршуваат сложена и одговорна работа и го носат товарот на кривичниот прогон и тоа без соодветни материјални услови и доволна стручна поддршка. Законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години наназад не им се исплаќаат поради недостаток на средства во Буџетот“, велат од Здружението на јавни обвинители.
Здружението посочи дека платата е единствен приход на јавните обвинители и се движи од 90.000 до 130.000 денари. Здружението доби поддршка и од претседателот на Советот на јавните обвинители.
Уставниот суд во декември лани покрена постапка за оценување на уставноста на измените на Законот за платите на јавните обвинители, со кои веќе се интервенираше со намалување на коефициентите и ограничување на порастот на платите.
Борис Грујоски
