Жителите на Старо Нагоричане живеат под стрес
Продолжува истрагата за случајот со неколкуте убиства во Старо Нагоричане. Деновиве треба да се изврши психијатриско вештачење на осомничениот а се чека и наодот од извршената обдукција над ексхумираното тело. Жените коишто го преживеале нападот на 25 годишникот, но и членовите на нивните семејства, може да се соочат со посттрауматско стресно растројство. Стручните лица апелираат истите да побараат психолошка помош.

Продолжува истрагата за случајот со неколкуте можни убиства на повозрасни жени во Старо Нагоричане. Основното јавно обвинителство и останатите институции прибираат докази и вршат распит на лица. Деновиве ќе се реализира психијатриска проценка на осомничениот од тим експерти.
„До овој момент вештиот наод од извршената обдукција на ексхумираното тело не е доставен до јавниот обвинител“, информира ЈОРСМ.
Стручните лица со апел, нападнатите, жителите, да побараат помош од психолози и психијатри. Може да се соочат со посттрауматско стресно растројство, изразено преку несоници, главоболки, срцебиење. За осомниченото лице вештачењето треба да даде конкретна дијагноза. Вообичаено при сериски убиства, станува збор за личности со потиснати гневови, преживеани трауми, односно индивидуи со двојни животи.
„Кога таргетот се повозрасни, физички послаби жени, често за овие лица мислиме дека имале антисоцијално однесување, или сакале да вршат контрола, имале сексуални фрустрации, потоа може и нарцисоидни елементи, жителите тврделе дека тој бил мирен и повлечен, но тоа не е невообичаено“, истакна Ана Мадиќ Костовски, психијатар Општа болница Куманово.
Осомничениот доби и кривична пријава од полицијата поради сомнение дека извршил две тешки кражби.
Дваесет и петгодишникот од Драгоманце е уапсен по убиството на 78 годишната жена во Челопек.
Лицето не било корисник на ниту едно право од социјална заштита.
Елена Георгиевска
