Камбовски: Не се исполнети условите за проверка на евентуалната одговорност за куќниот притвор на Груби
Судскиот и Советот на јавните обвинители одговорија на прозивките на министерот за правда, Филков – нема простор за проверка на евентуалната одговорност за куќниот притвор на Артан Груби...

Не се исполнети условите, Судскиот Совет да ја разгледува евентуалната одговорност на судијата на претходна постапка за определувањето куќен притворот на поранешниот прв вицепремиер Груби – смета претседателот на Судскиот Совет, Александар Камбовски.
Реакцијата на Советот следува по прозивката од министерот за правда, Игор Филков, кој ги повика Судскиот и Советот на јавни обвинители да свикаат итни седници и да утврдат, дали има елементи за одговорност кај јавниот обвинител и кај судијата кои ја изрекле мерката.
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Башким Селими, воздржан за изјавата на Филков. Забележа што судиите и обвинителите поединечно биле именувани и топката ја префрли кај вишиот и републичкиот обвинител. Селими вели дека Советот може да расправа по ова прашање, но одлуката ја носат повисоките инстанци.
Сите треба да бидат еднакви пред законот. Владеење на правото без политичка вмешаност-eвроамбасадорот Рокас го посочи европското искуство за решавање на случаите за висока корупција.
Груби беше приведен во понеделникот откако самиот пристигна на граничниот премин Блаце. По него се трагаше со меѓународна потерница, откако пред 14 месеци ја напушти државава.
Марина Стојанова – Тонева
