Воен конфликт

Продолжуваат нападите во Украина, утре нова средба во Женева

25.02.2026 18:10

Русија ја нападна Украина со десетици дронови. Војната влезе во петтата година, украинските преговарачи утре во Женева на средба со Виткоф и Кушнер.

Војната во Украина влезе во петтата година. Русија продолжува да напаѓа со несмалено темпо, додека мировните преговори во Женева продолжуваат неделава. Украинскиот лидер останува на ставот дека нема отстапки за територијалните прашања.

„Умеров утре ќе има состанок со американските преговарачи, Виткоф и Кушнер, а ќе се сретне и со министерот за економија. Прво, ќе има билатерална средба со американската страна. Првото прашање е Пакетот за просперитет, односно за закрепнување на Украина. Второ, тие ќе се подготват за трилатерален состанок на кој ќе биде вклучена и Русија, кој, според нас, ќе се одржи во почетокот на март. И трето, ова е задача што му ја доверив на Умеров: тој ќе разговара за деталите за размена на затвореници. Се надеваме на позитивни резултати на овој пат“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски рече дека добил уверување од шефицата на Европската комисија, фон дер Лајен, дека Украина ќе ја добие првата транша од заемот од 90 милијарди евра и покрај обидот на Унгарија да го блокира.

„Заемот беше договорен од 27 шефови на држави и влади и Европскиот совет. Тие го дадоа својот збор и тој не може да се прекрши. Ќе го исполниме заемот на еден или друг начин. Имаме различни опции и ќе ги искористиме“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

„Унгарија го крши принципот на искрена соработка и ја повикувам веднаш да соработува во спроведувањето на одлуката донесена од Европскиот совет на 18 декември“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.

Будимпешта, пак, ја ескалира реториката за Киев.

„Оската Киев-Брисел е формирана и се обедини против нас. Значи, унгарската економија мора да се соочи со војната што го блокира растот, како и со постојаната уцена од Брисел“, нагласи Виктор Орбан, премиер на Унгарија Виктор Орбан, премиер на Унгарија.

Во меѓувреме, Русија ја обвини Украина дека со помош на Франција и Велика Британија се обидува да обезбеди нуклеарно оружје – тврдење што Киев го нарече лага. Деманти и од Лондон и Париз. Путин тврди-непријателот не може да ја победи Русија.

„Едноставно не е можно, но тие го сакаат толку многу што не можат да живеат без него. Мислат дека апсолутно мора да ја победат Русија. Бараат каков било начин. Ќе се доведат до некоја екстремна точка, а потоа ќе се покаат“, изјави претседателот на Русија, Владимир Путин.

Генералното собрание на ОН усвои резолуција со поддршка за Украина и потврда на нејзините граници, изразувајќи загриженост за зголемените руски напади врз цивили и енергетската инфраструктура.

Бојана Крстевски