Нови сведоштва за пожарот во кочанската дискотека
Нови потресни сведоштва за пожарот во кочанската дискотека. Музичари и гости раскажуваа за активирањето на пиротехниката и ужасот што следел потоа. Семејствата бараат правда, одбраната забележа на двојните аршини на обвинителството.

На песната „Што сака нека биде“ се активирале прскалките. Секогаш се пуштале на истата нумера. За ова посведочи професорката Ана Костадиновска, придружен викал на дуото ДНК која кобната ноќ добила изгореници на гласните жици, но успеала да се спаси. Таванот горел, луѓе паѓале едни врз други, а чадот терал на спиење.
„Ја изведувавме песната „Што сака нека биде“. На рефренот се вклучија прскалките. Секогаш ги вклучуваа на истата песна. Почувствував необична топлина, погледнав нагоре и видов пламен. Сè се случи брзо, Владимир повика да излеземе. Морам да кажам дека не ја сфативме сериозно ситуацијата и се повлекувавме полека. Кај сцената забележав врата, ги повикав оттаму да излеземе, ама беше заклучена, па се упативме кон подолгиот пат и кај шанкот веќе настана ескалација“, сведочи Костадиновска.
Гитаристот Горан Тонев рече дека добил тешки повреди откако сунѓерот што се топел му капел по лицето и телото. Сведочеше и гостин во локалот кој рече дека женско лице од бендот ги разместило прскалките биејќи и пречеле. Семејствата на жртвите побараа судот да испорача правда.
Адвокатот Шилегов, пак, не се согласува со, како што рече двојните аршини на обвинителството. Луѓе од бегство, рече тој, се пуштаат од притвор, додека оние без вина остануваат зад решетки.
Газдата на Пулс, Дејан Јованов преку адвокатката побара преместување од затворот во Куманово во скопска Шутка, бидејќи како што тврди одбраната, бил деградиран и омаловажуван од затворската служба. Судијката рече – ќе истражи што се случило, па ќе донесе одлука.
Анита Димитријевска – Велковска
