АД ЕСМ и ЕБОР ги зајакнуваат вештините на работната сила за праведна енергетска транзиција
АД ЕСМ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го одбележаа успешното завршување на два проекта за развој на работната сила кои ја поддржуваат праведната енергетска транзиција, со завршен настан и церемонија за доделување сертификати одржани во Битола...

Проектите беа имплементирани заеднички и се дел од Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на земјава, координирана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Тие имаат за цел да ги поддржат работниците и заедниците погодени од транзицијата од јаглен, преку зајакнување на вештините, подобрување на вработливоста и градење отпорност во енергетскиот сектор.
Во рамки на двата проекта, повеќе од 600 вработени во ЕСМ учествуваа во структурирани програми за обука кои опфатија технички, менаџерски и меки вештини, вклучително продуктивност, управување со енергија, лидерство, комуникација и инсталација на соларни системи. Иницијативите беа поддржани од Јапонскиот фонд за техничка соработка и Bloomberg Philanthropies, преку ЕБОР.
Поздравувајќи го завршувањето на програмата, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави:
„Програмата ’Вештини за иднината‘, имплементирана со поддршка на ЕБОР и меѓународните партнери, покажа дека модерната енергија започнува токму тука – со луѓето. Над 600 вработени во АД ЕСМ стекнаа нови знаења и компетенции за да се справат со претстојните промени. Ова ја прави институцијата посилна, поотпорна и подготвена за предизвиците што следуваат, а државата добива посигурен и постабилен енергетски систем.“
Поврзувајќи го развојот на работната сила со пошироките трансформациски планови на АД ЕСМ, заменик-генералниот директор на АД ЕСМ, Реџеп Хасани, истакна:
„Зелената енергетска трансформација е наша фундаментална одговорност кон планетата и наша најголема стратешка инвестиција. Со вештините стекнати во изминатиот период, ги редефинираме нашите оперативни стандарди. Од оваа година започнуваме со имплементација на три големи капитални проекти во Битола во рамки на Зелената агенда – три фотоволтаични електрани кои значително ќе го зајакнат производното портфолио на АД ЕСМ. Дополнително, втората фаза од Ветерниот парк Богданци веќе е во фаза на теренска имплементација. Оваа посветеност обезбедува не само одржлив раст на компанијата, туку и сигурна енергетска иднина за државата.“
Говорејќи на настанот, раководителот на Канцеларијата на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу, ја нагласи важноста од инвестирање во луѓето како основа за успешна енергетска транзиција. Тој истакна дека региони како Битола и Осломеј со децении играат клучна улога во обезбедувањето на националната енергетска сигурност, и дека работниците и заедниците мора да бидат поддржани додека енергетскиот систем се трансформира.
Завршувањето на овие програми претставува значаен чекор во патот на државата кон праведна транзиција, покажувајќи дека долгорочното инвестирање во луѓето е од суштинско значење за изградба на модерен, конкурентен и одржлив енергетски систем.
