Kлучна рунда преговори меѓу САД и Иран нуклеарниот спор да се реши без војна
Вашингтон и Техеран на нова рунда разговори за нуклеарната програма на Иран, во Женева. Иранската влада изрази подготвеност да ја ограничи нуклеарната програма, а за возврат, бара укинување на западните санкции. На Блискиот Исток и натаму засилено воено присуство на американски авиони и бродови…

Трета и клучна рунда преговори меѓу Иран и САД во Женева со посредство на Оман. Вашингтон инсистира раководството во Техеран да запре со развивање нуклеарно оружје. Според американските власти, одбивањето на Иран да разговара за програмата за балистички ракети е голем проблем кој мора да се реши и претставува закана за регионалната стабилност.
„Принципот е многу едноставен. Иран не може да има нуклеарно оружје. Ако се обидат да го обноват нуклеарното оружје, тоа ни предизвикува проблеми. Всушност, видовме докази дека се обиделе да го сторат токму тоа. Значи, претседателот ги испраќа тие преговарачи да се обидат да го решат тој проблем. Како што претседателот постојано повторува. Тој сака да го реши тој проблем дипломатски, но секако има и други опции“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.
„На крајот сите мора да разговараме за нешто повеќе од само нуклеарната програма. Но, ако не можете да постигнете напредок ниту во нуклеарната програма, ќе биде тешко да се постигне напредок и во балистичките ракети‘, истакна американскиот државен секретар, Марко Рубио.
Вчера САД воведоа нови санкции за Иран, на удар повеќе од 30 субјекти и лица поврзани со таканаречената „флота во сенка“ – мрежа на танкери што транспортираат иранска нафта со цел да се заобиколат претходно воведените ограничувања. Иранската влада изрази подготвеност да ја ограничи нуклеарната програма, а за возврат, бара укинување на западните санкции.
„Подготвени сме да ги отстраниме загриженостите, но не сме подготвени да се откажеме од нашето право за мирна употреба на нуклеарна технологија“, рече Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Претседателот на иранскиот парламент дециден, САД би можеле или да се обидат со дипломатија или да се соочат со гневот на Иран.
„Сите опции се на маса. И чесна дипломатија и одбранбен одговор што ќе го натера непријателот да се покае за својот напад. Ако го изберете патот на дипломатијата, каде што се почитуваат достоинството и меѓусебните интереси на Иран, ние ќе останеме на маса. Но, ако вашата одлука е да го повторите последното искуство преку измама, лаги, погрешна анализа и лажни информации, и да седнете на преговарачката маса, тогаш без сомнение ќе го почувствувате силниот удар на иранската нација и нашите одбранбени сили и сигурно ќе се покаете за тој избор“, изјави Мохамад Багер Калибаф, претседател на парламентот на Иран.
Американските претставници изминатиот период го засилија военото присуство со преместување авиони и бродови на Блискиот Исток. Иран се закани дека доколку дојде до напад, сите американски воени бази во регионот ќе се сметаат за легитимни цели.
Маријана Димовска
