Иран

Трета рунда разговори меѓу САД и Иран во Женева

26.02.2026 18:01

Вашингтон и Техеран на нова рунда разговори за нуклеарната програма на Иран, во Женева. Иранската влада изрази подготвеност да ја ограничи нуклеарната програма, а за возврат, бара укинување на западните санкции.На Блискиот исток и натаму засилено воено присуство на американски авиони и бродови...

Трета рунда разговори меѓу САД и Иран во Женева. Вашингтон инсистира раководството во Техеран да запре со развивање нуклеарно оружје. Исламската република со став, укинувањето на санкциите мора да биде дел од секој договор што би ја ограничил нуклеарната програма на земјата.

„Принципот е многу едноставен. Иран не може да има нуклеарно оружје. Ако се обидат да го обноват нуклеарното оружје, тоа ни предизвикува проблеми. Всушност, видовме докази дека се обиделе да го сторат токму тоа. Значи, претседателот ги испраќа тие преговарачи да се обидат да го решат тој проблем. Како што претседателот постојано повторува. Тој сака да го реши тој проблем дипломатски, но секако има и други опции“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.

Според американските власти, одбивањето на Иран да разговара за програмата за балистички ракети е голем проблем кој мора да се реши и претставува закана за регионалната стабилност.

„На крајот сите мора да разговараме за нешто повеќе од само нуклеарната програма. Но, ако не можете да постигнете напредок ниту во нуклеарната програма, ќе биде тешко да се постигне напредок и во балистичките ракети“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Вчера САД воведоа нови санкции за исламската Република, на удар повеќе од 30 субјекти и лица поврзани со таканаречената „флота во сенка“.

„Подготвени сме да ги отстраниме загриженостите, но не сме подготвени да се откажеме од нашето право за мирна употреба на нуклеарна технологија“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Во пресрет на разговорите, иранскиот претседател ги отфрли обвинувањата на шефот на Белата Куќа дека Иран убил 32.000 луѓе за време на задушувањето на неодамнешните протести.

„Тие не беа демонстранти. Запалија над 350 џамии и нападнаа над 300 училишта. Дали демонстрантите оштетуваат училишта и палат џамии? Шефот на ционистите и Американците и Европејците им рекоа на демонстрантите – вие напаѓајте, ние ќе ви помогнеме утре. Тие сакаа да го соборат системот“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.

САД го зголемија военото присуство со авиони и бродови на Персискиот Залив по заканите на Трамп за можна воена акција доколку пропаднат тековните нуклеарни преговори. Иран се закани дека доколку дојде до напад, сите американски воени бази во регионот ќе се сметаат за легитимни цели.

 

Маријана Димовска