Извештајот за Македонија пред Комитетот за надворешни работи во ЕП
Известителот Томас Вајц пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент го презентира нацрт-извештајот за напредокот на Македонија. Порача дека токму сега за целиот регион, особено за Македонија, е отворен голем прозорец на можности.

И покрај прогресот во коридорите 8 и 10, влезот во СЕПА, помошта за Украина, напредокот во реформската агенда, затворањето на скрининг-процесот, уставните измени остануваат клучни за напредокот на Македонија во Европската унија. Известувачот Томас Вајц во нацрт-извештајот за земјава пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент порача дека токму сега за целиот регион, особено за Македонија, е отворен голем прозорец на можности, додавајќи дека владата не треба да ја пропушти оваа шанса.
„Многу е јасно дека правата на малцинствата за културно изразување, самоопределување, се дел од нашата европска легислатива, а со тоа и дел од преговарачката рамка и заклучоците на Советот. Има потреба да се исполни овој услов за додавање на дополнителни малцинства, заедници во уставот кои се присутни во земјата“, нагласи Вајц.
Европарламентарците согласни дека Македонија е премногу долго во чекалницата на ЕУ, а граѓаните се изморени. Дел се на став оти земјата има направено голем исчекор во реформите со јавната администрација, но напорите се недоволни во владеење на правото, борбата против корупцијата и слободата на медиумите. Некои сметаат и дека ЕУ треба да разбере дека балканот е дел од Европа и ако не се интегрира, Европа ќе се соочи со економски и безбедносни проблеми.
„Ние мора да разбереме дека тие прават сè што можат во Северна Македонија и пристапот треба да биде различен. Треба да дадеме повеќе поддршка бидејќи нема да ги постигнеме нашите цели и се согласувам со колегите дека ЕУ треба да биде фактор на стабилноста, а не на поларизираноста. Наша обврска е во регионот да обезбедиме мир. Балканот е дел од Европа ако не ги интегрираме ќе имаме секакви проблеми“, изјави Антонио Тангер Кореа.
„Македонија многу долго чека, граѓаните се изморени, но политичките елити не се уморни и ова покажува дека недостига нивната политичка обврска. Ова е голема штета и значи дека може да чекаат не само една декада, туку 120 години за одреден прогрес. Тешки беа и преговорите во минатото. Не видовме промени во уставот кои беа договорени. Недостасува политичка волја за навистина да се продолжи со процесот кој беше преговаран со Бугарија“, нагласи Станислав Стојанов.
„Процесот на пристапување повторно може да заживее. Плановите за реформи на Македонија повеќе не се успорени со изборниот процес. Властите имаат сè во свои раце да ги спроведат клучните реформи во 2026-та година, и неодамна видовме позитивни сигнали во тој поглед. Северна Македонија неодамна, исто така постигна напредок во почетните критериуми за кластерот еден“, изјави претставничката на Европска комисија.
До 6-ти март европратениците може да поднесат амандмани на Нацрт-извештајот за Македонија, гласањето во Европскиот парламент е закажано за 5-ти мај.
Викторија Милевска
