Мобилни услуги во ЕУ по домашни цени за земјите од Западен Балкан
Македонските граѓани наскоро би можеле да користат мобилни услуги во ЕУ по исти цени како дома, откако Европската комисија најави почеток на преговори за укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан. Владата веќе го усвои Законот за електронски комуникации како дел од процесот за приклучување кон иницијативата „Роаминг како дома“.

Македонските граѓани би можеле да разговараат и да користат мобилни услуги низ Европа по цени како дома. Европската комисија објави дека ќе побара одобрение од Советот на ЕУ за почнување билатерални преговори со земјите од Западен Балкан за укинување на роамингот. Владата на последната седница го потврди текстот на Законот за електронски комуникации и ќе го испрати до ЕУ, со цел граѓаните поволно да користат услуги во Унијата, рече министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Информацијата од Европската Комисија, како што посочи Андоновски, покажува дека процесот е жив и ние сме вклучени во неговата реализација.
Проектот „Роаминг како дома“, според Владата, значи дека пакетите што граѓаните ги плаќаат кај домашните оператори за интернет, ќе важат секаде во Европската Унија без дополнителни трошоци.
Предлогот се однесува за Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.
Борис Грујоски
