Македонија

До Кривичниот суд поднесени речиси 500 приговори поради „Безбеден град“

26.02.2026 16:15

Во текот на првиот месец од примената на системот „Безбеден град“ до Основниот кривичен суд Скопје поднесени се вкупно 476 приговори, од кои 431 приговор од правни лица и 45 од физички лица. По нив постапуваат 16 судии од одделот за прекршоци при Основниот кривичен суд.

Безмалку 500 граѓани не го признаваат прекршокот евидентиран од камерите на „Сејф сити“ па поднеле приговор до Кривичниот суд во Скопје. 90% од приговорите се од правни лица, останатите се од физички. Граѓаните реагираат за неприспособена брзина, поминување на црвено и управување со нерегистрирано возило.

„До Основниот кривичен суд – Скопје се поднесени вкупно 476 приговори (барања за поведување прекршочна постапка пред суд), од кои 431 приговор од правни лица и 45 приговори од физички лица, по кои постапуваат 16 судии од одделот за прекршоци при Основниот кривичен суд“, соопштуваат од судот.

Најголем предизвик во наредниот период се приговорите поднесени од лизинг-компании за дадени возила на користење врз основа на договор за лизинг. Како и граѓани кои го имаат продадено возилото, но МВР возилото не е одјавено, па тие добиле прекршочен налог.

Сите приговори се доставени и до МВР кое треба да се произнесе. Досега нема донесено правосилна судска одлука по сообраќаен прекршок евидентиран од „Безбеден град“.

Наташа Јанчиќ-Менковски