Статистиката го вклучи алармот - Владата започна кампања за безбедност во сообраќајот
6.500 настрадани во сообраќајни несреќи за една година, речиси 200 загинати. Црната статистика го вклучи алармот. Владата почнува голема кампања за подигање на јавната свест за безбедност во сообраќајот. Во неа ќе бидат вклучени и јавните личности, успешните во своите области, медиумите, општествено одговорните компании...

Почитувај ги правилата, почитувај го животот! Владата почнува голема кампања за подигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот. Ќе бидат таргетирани сите учесници: возачите, велосипедистите, пешаците, особено младите, кои статистички, се и најбројни жртви во сообраќајните несреќи.
Првата порака е наменета за возачите: „Вози безбедно, вози со врзан појас!“. Целта е да се укаже дека, доколку не се носи сигурносен ремен, шансите да загинете при евентуален судир двојно се зголемуваат. Статистички, ова правило најмалку го почитуваат младите, на возраст од 17 до 34 години.
„Апелирам до сите учесници во сообраќајот да носат безбедносен појас. Јас секогаш, и кога седам на предните, и кога седам на задните седишта, носам појас. Во молам, носете и вие!“, нагласи Никола Груевски, претседател на Владата.
Се казнуваат оние што не носат ремен, но и оние што додека возат, зборуваат на мобилен телефон, со што за четирипати го заголемуваат ризикот од судир. Втората порака е - не кревајте на мобилен додека возите, или да го замолите соговорникот којшто вози, подоцна да ви се јави. Третата се однесува на почитувањето на дозволената брзина на патот, бидејќи ограничувањата се поставени со намена, а четвртата порака е да не се вози кога сте заморени. Полицијата ги засилува контролите.
„Првичните резултати се гледаат преку трендот на намалување на сообраќајните несреќи, како и намалувањето на бројот на жртвите во првите осум месеци од годинава. Во текот на оваа кампања, МВР ќе ги засили активности и ќе даде поддршка на сите учесници“, изјави Гордана Јанкуловска, министерка за внатрешни работи.
„Во контекст на кампањата, сакам да порачам- истражувањата покажуваат дека дури и ниски нивоа на алкохол во крвта, доведуваат до нарушување на вештините за возење и го зголемуваат ризикот од сообраќајни несреќи“, нагласи Никола Тодоров, министер за здравство.
Премиерот Груевски во почетокот на кампањата, порача дека загубениот човечки живот е загуба, пред сè за семејството, но и загуба за општеството и државата.
„Некој ќе рече дека, како премиер, не ми е работа да говорам за ова, да укажувам на статистиките и да давам совети, и дека тоа треба да го прави некој друг. Но, јас ова го правам свесно, затоа што, иако сум премиер, јас сум човек, еден од вас, кого го погодуваат ваквите работи, несреќите, загубите на живот, социјалните драми на семејствата. Јас сум убеден дека заедно можеме многу да направиме, да ја издигнеме свеста на повисоко ниво, и пораката да допре до секој човек. Секој спасен човечки живот е од непроценливо значење“ , рече Груевски.
Кампањата за безбедност во сообраќајот ќе се реализира преку радио и ТВ спотови, преку печатените медиуми и билборди, а ќе чини 500 илјади евра. Треба да влијае превентивно. Лани во Македонија околу 200 луѓе го загубиле животот во сообраќајни несреќи, а годишно во светски рамки, животот го губат повеќе од 1,3 милиони луѓе.
Мартин Пушевски
