Делегациите на САД и Иран во Женева во трет обид за нуклеарен договор
Вашингтон и Техеран на нова рунда разговори за нуклеарната програма на Иран, во Женева. Иранската влада изрази подготвеност да ја ограничи, а за возврат, бара укинување на западните санкции. На Блискиот Исток и натаму засилено воено присуство на американски авиони и бродови...

Тричасовни разговори, пауза, па продолжение – делегациите на САД и Иран во Женева во трет обид за нуклеарен договор. Вашингтон инсистира Иран да не поседува нуклеарно оружје, Техеран подготвен на ограничување на програмата во замена за укинување на санкциите. Иранското МНР оценува дека разговорите се водат со голема сериозност.
„Она што можам да ви кажам е дека, и во нуклеарната област и во прашањето за олеснување на санкциите, беа презентирани многу важни и практични предлози и иницијативи, а двете делегации ги водат дискусиите со голема сериозност“, изјави Есмаил Багаеи, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи.
Според американските власти, одбивањето на Иран да разговара за програмата за балистички ракети е голем проблем кој мора да се реши и претставува закана за регионалната стабилност.
„Иран не може да има нуклеарно оружје. Ако се обидат да го обноват нуклеарното оружје, тоа ни предизвикува проблеми. Претседателот сака да го реши тој проблем дипломатски, но секако има и други опции“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.
„На крајот сите мора да разговараме за нешто повеќе од само нуклеарната програма. Но, ако не можете да постигнете напредок ниту во нуклеарната програма, ќе биде тешко да се постигне напредок и во балистичките ракети“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Во пресрет на разговорите, иранскиот претседател тврди дека Техеран не се стреми кон нуклеарно оружје.
„Американците можеби мислат дека сум политичар како нив и дека лажам. Но, религиозниот водач на едно општество не може да лаже. Кога објавува дека нема да имаме нуклеарно оружје, тоа значи дека нема да го имаме“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.
На Блискиот Исток и натаму засилено воено присуство на американски авиони и бродови по заканите на Трамп за можна воена акција доколку пропаднат тековните нуклеарни преговори. Иран се закани дека доколку дојде до напад, сите американски воени бази во регионот ќе се сметаат за легитимни цели.
Бојана Крстевски
