Лозарство

Во Тиквешијата е потребна дестилерија која ќе го откупи родот на вишокот грозје

28.02.2026 13:22

Лозарите од Тиквешијата бараат изградба на дестилерија, која ќе го откупува вишокот на родот. Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев вели дека се работи на реализација на овој важен капацитет за решавање на проблемот со вишокот грозје …

Дел од родот на грозјето минатата година остана по лозјата, оти не се откупи, се жалат лозарите. Така нивниот труд, мака остана непризнаена, невреднувана. Затоа тие бараат да се изгради дестилерија во Кавадарци која ќе го прифати, откупи вишокот на родот од Тиквешијата.

„Грозјето едноставно немаше каде да се продаде. Да се откупи целокупното грозје лани имаше род од 128 милиони кг грозје, што е далеку повеќе од 2024 кога имало 85 милиони кг“, изјави Зоран Јанкулов, лозар од Кавадарци.

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев вели дека дестилеријата е единствен излез за решавање на проблемот со вишокот на грозје во Тиквешијата. Овој капацитет бил во неговата програма во 2018 година и се надева дека ќе го реши со сегашната влада, откако не му успеало со претходната.

„Беше предадена во Влада 2018 година. Ќе си ги преточи во државни резерви“, изјави Митко Јанчев, градоначалник Кавадарци.

Според општинските пресметки дестилеријата би чинела 6 до 8 милиони евра, со капацитет за 30-40 милиони кг грозје и од кои би се добивале 5-7 милиони литри дестилат.

Петар Печков