Свлечиште го затвори патот Битола - Ресен
Поради голем одрон на земја, од ридот на обиколницата над Битола, од вчеравечер затворен е за сообраќај магистралниот патен правец А2 на потегот од Битола кон Ресен. Станува збор за свлечиште кое е детектирано од поодамна, но за првпат доаѓа до одрон на земја во големи количини. Екипите на битолската подружница на Македонија пат се на терен и работа на расчистување на теренот...

Огромно свлечиште од ридот на обиколницата над Битола, после тунелот, од вчеравечер го затвори за сообраќај магистралниот пат Битола-Ресен.
Станува збор за порозно земјиште кое е од поодамна детектирано, но заради обилните врнежи во изминатиот период свлечиштето повторно е активирано, при што во должина од 52 метри, одронета е голема количина земја до самиот пат, велат од битолската подружница на „Македонија пат“.
Дежурните екипи на „Македонија пат“ во текот на ноќта, работеа на отстранување на поголеми камења и земја кои константно се одронуваа на патот, а од рано утринава со механизација работат на расчистување на теренот.
Според информациите од АМСМ, од 18.30 часот вчеравечер обиколницата е затворена и сообраќајот се пренасочува преку градот Битола.
Александра Максимовска
