Случајот со Груби и натаму ја бранува јавноста, партиските препукувања продолжуваат
Случајот со Артан Груби и натаму ја бранува јавноста. Одбраната врши увид во доказите, обвинителството со став со одлуката, прашањето за притворот е затворено. На политичката сцена не стивнуваат партиските препукувања.

Обвинителството не се пишманува за притворот на Груби. И натаму сметаат – ако седи дома ќе биде на безбедно. Па, додека на поранешниот вицепремиер му стои полиција пред врата, неговиот адвокат се запознава со доказите. Засега нема најава за брз финиш на истрагата.
„Куќниот притвор во моментов е најсоодветна мерка за обезбедување присуство на осомничениот. Одбраната врши увид во доказите и тој сè уште не дал исказ по однос на сомненијата за стореното кривично дело.“, одговорија за МРТ од ОЈО Скопје.
Што точно утврдила АНБ како закана по неговата безбедност е класифициран податок, велат од МВР.
„Министерството за внатрешни работи, согласно своите законските надлежности ги сподели со Јавното обвинителство сите информации и сознанија со кои располагаше, а кои се однесуваат на конкретното лице, вклучително и информациите од Агенцијата за национална безбедност.“ – велат од МВР.
Од СДСМ прашуваат – дали проценката за загрозената безбедност на Груби ја направиле странски служби.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали опозицијата стравува од тоа што го знае Груби, а може да ги искомпромитира поранешните партнери во владата.
Груби во понеделникот, по 14 месеци бегство самиот се појави на граничниот премин „Блаце“ каде беше уапсен, а за истиот ден експресно да добие домашен притвор.
Анита Димитријевска-Велковска
