Ученик извадил нож на час
Ученик од основното „Киро Глигоров“ дошол на час со нож. Мајката ја преземала одговорноста, по грешка во брзање му го ставила во ранецот. Родителите стравуваат, инспекторите извршиле вонреден надзор...

Четвртоодделенец од основното училиште „Киро Глигоров“ извадил нож во училница пред неговите соученици. Инцидентот се случил месецов – родителите загрижени за безбедносна на нивните деца. На социјалните мрежи споделуваат дека ученикот и претходно се однесувал агресивно, а нападнал и ученик со посебни потреби. Неговата мајка, пак, кажала дека ножот по грешка го ставила во ранецот кога подготвувала појадок. Директорката на училиштето вели дека веднаш постапиле.
„Ученикот беше изведен од паралелката, настанот беше пријавен кај директорот, стручната служба, родителите и надлежните институции. Направен е увид од страна на државен просветен инспекторат и советници од бирото за развој на образование, при што е констатирано дека училиштето постапи согласно законските акти и интерните правилници. Во конкретниот случај не беше утврдено заканувачко однесување кон други ученици, ниту намера за повредување“, соопштија од училиштето.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„Денеска, родител на ученик во основно училиште на подрачјето на Центар во Скопје пријавил дека на вибер група помеѓу родителите се споделува информација дека еден ученик носи нож во училиштето. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Граѓаните велат дека потребно е поголема контрола врз учениците.
За случајот во училиштето „Киро Глигоров“ информирана и министерката за образование, Весна Јаневска, која најави дека Државниот просветен инспекторат веќе постапува на терен. Ученикот бил пратен кај психолог и специјален едукатор.
Ана Јосифоска
